2.900 ДЕНАРИ ЗА КОМПЛЕТ БИЛЕТИ ЗА 18. ОФФ-ФЕСТ, НА РЕПЕРТОАРОТ МУЗИКА ОД МАЛИ, ЛИБАН, УНГАРИЈА…

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Комплет билети за фестивалот на музика од светот, Офф-фест, кој по 18. пат ќе се одржува од 3 до 8 јуни во Македонска опера и балет (МОБ), Младински културен центар (МКЦ) и во клубот „Епицентар“ чини 2.900 денари. Билетите се продаваат во „Југотон рекордс“, МОБ, МКЦ и онлајн на www.mktickets.mk.

Билетот за отворањето во МОБ е 900 денари, кога ќе настапи виртуозниот дует на велшката харфистка Кетрин Финч и сенегалскиот кора-мастер Секу Кеита. Истата вечер е и Крсте Роџевски со концертната премиера на својот материјал.

На 4 јуни во МКЦ ќе се слави музиката од Мали, прво со прикажување на документарниот филм „Мали блуз“, а потоа и со концертот на Басеку Кујате и неговиот бенд „Нгони Ба“.

Настапот на најголемата ѕвезда на годинашниот Офф-фест, атрактивната африканска дива Фатумата Дијавара, е на 5 јуни во МОБ, а картата е 1.200 денари.

Како дел од т. н. „Балканска ноќна треска“, на 6 јуни во МКЦ ќе се „судрат“ неприкосновените претставници на унгарската тамбурица „Сондорго“ и Џамбо Агушев со неговиот многуброен, светски популарен дувачки оркестар. Претпоследната вечер (7 јуни, МКЦ) е резервирана за аудио-визуелниот перформанс на либанскиот одговор на „Готан проџект“, „Лав енд ривенџ“ и за Колумбијците „Ромперајо“.

Затворањето е во „Епицентар“ на 8 јуни, со полноќен диџеј-сет на Деди Џи од „Масив атак“.