АНА ПЕТАНОВСКА НА ФЕСТИВАЛОТ „БИСЕР НА ЈАДРАНОТ“ ВЕЧЕРВА ВО ТИВАТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младата пејачка Ана Петановска, вечерва (29 јуни) ќе настапи на регионалниот музички фестивал „Бисер на Јадранот 2024“ во Тиват, Црна Гора.

Со песната „Љубовта секогаш победува“, Петановска ќе настапи заедно 25 пејачи од целиот регион кои се во натпреварувачкиот дел на фестивалот. Музиката е на Григор Копров, текстот на Душан Бачиќ, а аранжманот е на Стефан Петановски.

После настапот на  на „Бисер на Јадранот“ следува концерт во чест на композиторот Григор Копров со кој Ана Петановска активно соработува.„Најдоброто од Копров“ на 4 јули во Националната опера и балет е заокружување на богатото музичко творештво на Копров. Ќе настапат Ана Петановска, Наде Талевска, Горан Наумовски и како ексклузивен гостин на покана на Копров ќе настапи Владо Јаневски.

Публиката ќе има можност да ги чуе песните „Лиду ду“, „Остани во мене“, „Чаирска романтика“, „Анушка“, „Не допирај ме“, „Усни на усни“, „Немир“ и многу други песни. На самиот концерт ќе се одржи и промоција на спотот за песната „Балада за анѓела“ („Балада за ангелот“) од Григор Копров која Петановска ја испеа на фестивалот„Белградска пролет“.

Македонската публика ја знае 20-годишната Петановска најмногу по настапите на неколку музички настани, како традиционалниот концерт на Националната опера и балет по повод празникот Василица, Оскаровската Гала вечер со филмска музика, концертите на Камерниот оркестар Битола со хитови од `80-те и `90-те и концертот посветен на Тоше Проески. На сите концерти, поради својата одлична изведба, таа е една од пејачките кои добива најголем аплауз од публиката.