Австриското трио „Радијан“ ја отвора третата вечер на 39. Скопски џез фестивал, бенд чиј експериментален звук граничи колку со џез, толку и со електронска музика и пост-рок. „Радијан“ е еден од столбовите на креативната современа музичка сцена на Виена и неговата музика се опишува како спој на екстремни динамики, слободни импровизации и прецизни конструкции.
Во вториот дел од вечерта ќе настапи македонскиот џез ансамбл „Светлост+Одрон ритуал оркестра“, кој побуди голем интерес со минатогодишниот деби албум и во прв обид доби шанса да свири на Скопски џез фестивал. Ова е продолжение, односно проширување на триото „Светлост“ и групата е замислена како отворена платформа за соработка на музичари од различни профили.
Програмата во Националната опера и балет почнува во 20 часот, а потоа од 23 часот ќе има ексклузивен стриминг од Осло, од концертот на големиот ансамбл на Тригве Сајм.