„Тајно моја“ и други хитови на Тоше Проески испеа тенорот Влатко Груевски во Загреб, во Културно-информативниот центар на Македонија, на концертот „Тоше во срцето на Хрватска“. Покрај музичкиот дел, се одржа и изложба на личните работи на Тоше Проески кои се дел од музејскиот материјал во Спомен-куќата „Тодор Проески“ во Крушево.
Оперскиот и поп-пејач вели дека ова за него била посебно емотивна вечер. Во публиката била и пејачката и активистка Биба Додева, која со сопругот Срѓан Шрепфлер живее во Загреб и се расплакала за време на концертот. Хитовите на Тоше ги пееше и Биљана Јосифов во придружба на Андреја Наунов на пијано.
„Големи се честа и задоволството, а уште поголема е одговорноста да се претставува ликот и делото на нашиот Тоше Проески пред неговите фанови, вљубеници и почитувачи во Загреб. На покана од Спомен-куќата ‘Тодор Проески’ во Крушево, а на моја огромна чест, без размислување ја прифатив поканата да бидам дел од музејско-музичкиот проект наречен ‘Тоше во срцето на Хрватска’, проект поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија. Заедно со мојата сограѓанка од Крушево и колешка Биљана Јосифов и нашиот маестро Андреја Наунов на пијано, изведовме неколку песни на Тоше. Песната ‘Тајно моја’ сум ја пеел безброј пати. Но, овојпат, при изведбата доживеав бура на емоции во самиот себе, како Тоше да извираше од мене, како да чувствував дека е присутен во самата просторија и гордо гледајќи ме, насмеан клима со потврдна реторика“, ни рече Влатко Груевски.
Тенорот додава дека забележал солзи кај публиката додека јаа пеел оваа песна, а од посебно значење му биле коментарите на нараторката на настанот Стела Прислан Фојс од Загреб, која рекла:
„Само Влатко ја имаа таа моќ да ја разбуди Тошевата емоција во сите нас”.
„Ме трогна и коментарот на нашата пејачка Биба Додева непосредно по крајот на изведбата, која рече: ‘Ах, што ми направивте’, изговорено низ солзи“, додава Груевски.
На концертот биле и вработените во продукциската куќа “Хит рекордс” и сопственикот, композиторот Мирослав Рус, кој напиша повеќе хитови за Тоше. Рус зборувал на настанот и се присетил на неговите убави спомени со македонската поп-ѕвезда.
М. ЏАРОВСКА