Црногорскиот кантавтор Владо Георгиев ќе одржи концерт во Скопје на 24 април, во салата „Јане Сандански“, во рамките на турнејата „Господски“. По тој повод, вчера (14 април) во Скопје се одржа прес-конференција на која Георгиев отворено зборуваше на многу теми.
„Често доаѓам во Македонија, но главно тоа биле помали свирки. Мислам дека Скопје заслужи во оваа турнеја ‘Господски’ да се одржи еден ваков голем концерт. Се надевам дека на 24 ќе пееме и стари и понови хитови, и ќе чуете и нешто ново. Турнејата се вика ‘Господски’ зашто сакам сите ние да останеме господа, да го задржиме господското и да не се расипеме како луѓе“, најави Георгиев.
Во однос на репертоарот, најави комбинација од добро познати песни и нов материјал. Зборувајќи за креативниот процес, рече дека инспирацијата најчесто доаѓа ноќе, но и дека лесно може да се изгуби.
„Ноќе пишувам додека сите спијат. Тогаш имам мир, никој не ме прекинува и емоциите се засилени. Кога ќе дојде инспирација, најмалку очекувате, но ако ве некој прекине, таа си оди и не се враќа“, рече кантавторот и се сети на анегдота кога изгубил идеја за песна:
„Во автомобилот добив идеја за песна, ми свиреше во главата и ми доаѓаше текст. Немав диктафон, немав ништо да запишам, брзав да стасам во Херцег Нови каде што сум секое лето. Ме сретна жената кај која сум сместен и ме задржа. Ми зборуваше за сметките кои стасале, за луѓе кои прашувале за мене. И тоа траеше и траеше, и мене таа песна ми отиде, и никогаш повеќе не ми се врати“, рече музичарот.

Георгиев искоментира и на темата „Бесбеден град“, и го критикуваше го концептот на како што рече „масовен надзор“.
„Видете како фино смислиле име, ‘безбеден град’. Всушност, цело време ве снимаат и ве шпионираат. Се поставуваат камери за препознавање лица, што според мене е недозволиво“, кажа Георгиев.
Во однос на вештачката интелигенција, останува на ставот дека таа не може да ја замени човечката креативност:
„Во ред е да прашаш за некој податок кој ти треба инстант, но за креативност, воопшто не ми се допаѓа. Се губи оригиналноста и емоцијата. Колку и да е технички совршено, му фали душата“, рече Георгиев и додаде дека
и понатаму ќе инсистира на музика во живо.
„Јас сум поборник музиката да се свири во живо, со вистински инструменти. На моите концерти нема матрици, сè е во живо. Македонската публика знае да препознае квалитет и да возврати со емоција. Луѓето овде не доаѓаат само да ве гледаат, туку да учествуваат. За концертот на 24 април, сакаме само да дојдат луѓе со отворено срце и добра енергија. Ќе биде една долга, емотивна и ‘господска’ вечер“, рече Владо Георгиев.
М. ЏАРОВСКА