Регионално стручно жири ќе го избере добитникот на музичката награда „Милан Младеновиќ“, која се доделува на 21 септември, на денот кога е роден фронтменот на култната група „Екатарина Велика“.
Наградата е востановена со цел да се поттикне музичкото творештво кое се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Младеновиќ, а се доделува за најдобра песна од поранешна Југославија.
Во 2022 оваа награда ја доби младата македонска пејачка Дина Јашари на церемонија во Белград. Минатата година доделувањето се одржа во хрватскиот град Макарска, а Јашари му ја додели наградата на новиот победник, групата „Љубичице“. Годинава, жирито е во состав Ања Рупел од Словенија, Дубравко Јагатиќ и Макс Јуричиќ од Хрватска и Никола Врањковиќ и Светлана Ѓоловиќ од Србија.
Отворен е конкурс за наградата под слоганот „Пријави ја твојата песна“, кој трае до 31 мај. Право да се пријават имаат автори и изведувачи од сите земји на поранешна Југославија, секој на свој јазик. Апликациите се праќаат преку формуларот кој го има на веб страницата milanmladenovic.com
Главната награда е 3.000 евра, а фондацијата „Милан Младеновиќ“ воспостави соработка со фестивалот Егзит, па лауреатот ќе биде вклучен меѓу учесниците во 2025.
Фото: Во 2022 наградата ја доби македонската пејачка Дина Јашари