Македонската филхармонија денес ќе има концерт и пречек на Новата година во Тангшан, Кина. Таа на 26 декември ја почна турнејата низ Кина, насловена „7 концерти во 7 градови“.
Првиот концерт го одржаа на 28 декември во градот Хохот, вториот беше во Таијуан. По денешниот во Тангшан, до 8 јануари им остануваат настапите во Женгжу, Хенгшуи, Хефеи и во Донгуан.

„На првиот концерт филхармоничарите беа испратени со овации и одлични реакции од кинеската публика. Вториот концерт се одржа во прекрасниот Шанжи гранд театар. Полната сала и одличната акустика беа искористени за во најдобро светло да се покажат оркестарот, диригентот Јерухам Шаровски, како и солистите Дуо Гурфинкел и Хају Жанг на пијано. Имавме два биса, радосни аплаузи за Радецки марш и овации од публиката“, вели директорот Виктор Илиески, додавајќи оти Македонската филхармонија е пречекана на највисоко ниво и со врвни услови од кинеските домаќини.

На програмата се дела од Чајковски, Гершвин, Бизе, Глинка и од Штраус.