ФИЛХАРМОНИЈАТА ЌЕ СВИРИ ПОП, РОК И ПАНК ХИТОВИ НА 29 ЈУНИ ВО ГРАДСКИ ПАРК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Љубов и револуција“ е насловен концертот на отворено, што Филхармонијата ќе го одржи на 29 јуни во Градски парк во Скопје.

Оркестарот ќе изведе популарни теми од сферата на поп, рок и панк музиката, а на репертоарот ќе бидат хитови на „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, „Секс пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Ролинг стоунс“, „Пинк флојд“, Дејвид Боуви и „Рамштајн“.

Аранжманите се на Џијан Емин, кој ќе биде и диригент на концертот.

Покрај Оркестарот на Филхармонијата, ќе настапат и хорот „ПроАрс“ под диригентство на Сашо Татарчевски и бенд составен од Александар Поп Христов – гитара, Зоран Костадиновски – гитарa, Иван Бејков – бaс и Гоце Стевковски – тапани.

Концертот е во соработка со Град Скопје и Младински културен центар.