Една од најубавите скопски летни традиции е концертот на отворено на Филхармонијата, кој секоја година во јуни се одржува во Градски парк. Музичките теми секогаш се различни и главно популарни, а на концертот кој се одржа сношти (19 јуни), се свиреше музиката од филмовите на легендарниот режисер Стенли Кјубрик, кој важи за визионер со големо влијание врз светската филмска уметност.
Паркот и годинава беше полн со публика од различни генерации на концертот насловен „Одисеја 2024“, инспириран од револуционерниот филм на Кјубрик „2001: Вселенска одисеја“. На видеобим се прикажуваа инсерти од неговите познати филмови. Публиката, дел седната на трева, дел на нозе, танцуваше на музиката од Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук, која ја има во филмовите како „Пеколен портокал“ и „Бери Линдон“.
На крајот, се потсетивме на култниот „Очи широко затворени“ со Никол Кидман и Том Круз на видеобим и познатата валц тема Свита за џез оркестар број 2 од Димитри Шостакович.
Откако публиката со голем аплауз го награди оркестарот, маестра Дијана Имери-Илкоска, која диригираше на концертот, и музичарите ни ја подарија свитата уште еднаш на бис.
М. ЏАРОВСКА