ФИЛХАРМОНИЈАТА СЛАВИ 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БЕРНШТАЈН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Бернштајн 100“ е насловен вечерашниот концерт на Македонската филхармонија (20 часот), со кој ќе се одбележи стогодишнината од раѓањето на еден од највлијателните американски композитори и диригенти, Леонард Бернштајн.

Филхармоничарите, под диригентство на Тимоти Редмонд од Велика Британија, ќе изведат две дела од богатиот опус на Бернштајн, симфониската свита „На брегот“ и три танцови епизоди од мјузиклот „Во градот“.

Солист е германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед, кој за првпат во Македонија ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар од англискиот композитор Вилијам Волтон.

Леонард Бернштајн (1918-1990) е еден од првите американски диригенти кој постигнал светска слава. Добитник е на повеќе Еми награди и се смета за една од највлијателните личности во историјата на американската класична музика. Диригирал со речиси сите големи американски оркестри, а од 1958 до 1969 бил диригент на престижната Њујоршка филхармонија.

Создавал дела со изразени карактеристики од американската култура, проткаени со елементи на џезот – симфонии, опери, балети, концерти, камерна и вокална музика и мјузикли. Всушност, светската слава ја стекнал токму со мјузиклот „Во град“ (1944), но и со „Приказна од западната страна“, и двата снимени во филмска верзија.