Четириесет и седум години откако ја напиша заедно со Џон Ленон, Јоко Оно објави нова верзија на неговиот најголем соло хит, „Замисли“.
Таа ќе се најде на нејзиниот нов албум насловен „Воена зона“, за кој песната доби и изменет аранжман.
Сѐ до неодамна, се сметаше дека песната е напишана само од Ленон, а Јоко Оно беше додадена како коавтор дури во 2017 година. Некои од стиховите од песната се инспирирани од поетската колекција на Јоко Оно, „Грејпфрут“ и Ленон го призна нејзиниот придонес во едно интервју во 1980 година.
„Голем дел од песната, стиховите и концептот, дојде од Јоко. Но, тие денови бев доста себичен, повеќе мачо, па затоа испуштив да го споменам нејзиниот придонес. Но, стиховите се извадени од нејзината книга ‘Грејпфрут‘“, кажа тогаш Ленон.