Кинескиот оркестар на бамбусови флејти вечерва во 21 часот ќе одржи концерт на Охридско лето, во „Св. Софија“.
Основан од еден од најпознатите професионалци за кинеска традиционална музика и свирач на т.н. бамбусова флејта, Жанг Веилијанг, Кинескиот оркестар на бамбусови флејти е прв од ваков вид во светот и функционира како дел од Кинескиот конзерваториум за музика во Пекинг.
„Овој инструмент е одамна познат во кинеската музика. Уште од античко време се користел во традиционалната кинеска опера, но и во оркестри. Покрај промоцијата како на инструментот, така и на кинеската традиционална музика, оркестарот има голема улога и во збогатувањето на музичката литература за бамбусова флејта, поттикнувајќи ги композиторите и изведувачите да компонираат музика за потребите на оркестарот. Па така, на репертоарот се среќаваат оригинални дела на голем број значајни кинески композитори, а постојано расте и бројот на композитори од другите земји кои компонираат токму за овој инструмент. Повеќето од членовите на оркестарот се млади професори од конзерваториумот, добитници на многубројни награди и признанија“, велат од Охридско лето.