Македонската група „Темпера“ утре во 21 часот во ноќниот клуб „Станица 26“ ќе има концертна претпромоција на нивниот албум кој сѐ уште е во подготовка „Играј“.

Бендот го сочинуваат Мите Димовски на тапани, Ѓоле Максимовски на бас, Драган Гиновски на гитара и вокалистката Тања Тас.

„’Темпера’ создава музика полна со енергија и емоции. Песните се создаваат постепено со секој тон, збор, со секој риф, идеја. Тие се дефинираат, вообличуваат од нас како глината под прстите на вајарот. Звукот на нашата музика е рефлексија, сублимат на нашите личности, кои некако се поврзуваат низ неа, прават целина. Целина која е составена од нашата експресија, збир на нашите искуства, интереси“, велат од бендот.

По „Тивка река“ и „Ѕвер“, на концертот ќе ја промовираат и песната „Не застанувај“.

„Првиот албум е карактеристичен по различноста на стиловите на песните. Такви се и песните кои ќе се најдат на вториот. Тивки сме како ‘Тивка река’, а енергични како ‘Ѕвер’. Сите се обоени со нашиот препознатлив звук“, велат музичарите.

Концертот го организира „3Гонга“.