Во камерната сала на Македонската филхармонија, вечерва во 20 часот ќе се одржи мултимедијален концерт, со дела од двете истакнати македонски композиторки, Дарија Андовска и Ана Пандевска.
Повеќето од делата се создадени за акустични инструменти и лента, а на концертот ќе има и видеопроекција и танцов перформанс.
На програмата се делата на Андовска: „ThERanatOS – part 4 – Operating System“ за фиксен медиум и видео (видеото го изработи Мартин Иванов), „Zugzwang“ за виолина, пијано, удиралки и фиксен медиум, „Book of the Devil Valley Master“ за соло удиралки и фиксен медиум и „Apoptosis – a brief history of small deaths“ за фиксен медиум и танцов перформанс, на којшто ќе учествуваат студенти од Катедрата за современ танц при ФМУ, во кореографија на Елена Антонова-Петровиќ. Во изведбата на композициите на Андовска ќе учествуваат Влатко Нушев на удиралки, Владимир Костов на виолина и Марија Вршкова на пијано.
Ќе бидат изведени и три дела на Пандевска: „Дуња и Дарин“ – пет пиеси за пијано и лента, „Пејсаж атмосфера“ за пијано и лента и „Живот во кутија“ – за пијано и лента, во чија изведба ќе учествува пијанистката Дуња Иванова.