ЛЕГЕНДАРНИТЕ РОКЕРИ „ХУ“ СНИМААТ НОВ АЛБУМ И ЗА ПОСЛЕДЕН ПАТ ОДАТ НА ТУРНЕЈА

Лондон, (Гардијан)

Легендарните англиски рокери „Ху“ потврдија дека работат на својот прв албум по 13 години пауза, што треба да излезе оваа година.

Гитаристот Пит Таунсхенд, еден од двајцата преживеани оригинални членови, изјави дека „фановите на 12. студиски албум можат да очекуваат мрачни балади, тежок рок, експериментална електроника, семплувани работи и препознатливи ‘Ху‘ мелодии“.

Пејачот Роџер Далтри најави и оркестарска турнеја низ САД, за која кажа дека веројатно ќе им биде и последна.

„Мора да бидам реален дека на оваа возраст, гласот по малку почнува да ми откажува. Сакам да бидам еднакво добар како и пред две години. Иако ќе свириме со оркестар, тоа не значи дека јас и Пит нема да бидеме бескомпромисни како и секогаш“, кажа 74-годишниот Далтри.

Покрај нив, во групата се и тапанарот Зак Старки, син на Ринго Стар и помладиот брат на Пит, Сајмон Таунсхенд.