Британскиот рок-бенд „Колдплеј“ влезе во историјата кога сношти (29 јуни) излегоа на сцената на фестивалот „Гластонбери“ како хедлајнери, а во публиката беа актерите Том Круз, Сајмон Пег и Џилијан Андерсон.
Фестивалот „Гластонбери“ е петдневен настан што се одржува во близина на Пилтон, Сомерсет, во Англија.
„Колдплеј“ излегоа на култната сцена и испишаа историја како бенд кој пет пати настпил на фестивалот. На сцената со нив, настапи легендарниот актер Мајкл Џеј Фокс, кој долги години се бори со паркинсова болест.

Актерот излезе на сцената во инвалидска количка, пред воодушевената публика и свиреше гитара на последните неколку песни. Фронтменот Крис Мартин му се заблагодари на Фокс. „Ви благодарам многу на сите, а особено за главната причина што ние сме бенд, филмот ‘Враќање во иднината’. Му благодариме на нашиот херој засекогаш, Мајкл Џеј Фокс“.
Славните личности во публиката беа во одлично расположение, а меѓу нив и Том Круз, кој им даваше автограми на обожавателите. Му се придружија колегите Сајмон Пег и Џилијан Андерсон.
