МИ СЕ ВРАТИЈА НАЈУБАВИТЕ СПОМЕНИ, РЕЧЕ ЌЕРКАТА НА КОМПОЗИТОРОТ КИРЕ КОСТОВ, АНА, ПО КОНЦЕРТОТ КОЈ СЕ ОДРЖА ВО НЕГОВА ЧЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музиката на композиторот Кире Костов е богата, мелодична и топла. Затоа и песните како „Тајно моја“, „Галебе мој тажен“, „Што те нема“, „Твојте очи мој сине“ и „Кога те нема“ се актуелни и денес.

Во чест на прочуениот музичар, кој почина на 27 јули годинава, Биг бендот со кој диригираше Љупчо Мирковски сношти одржа концерт пред Порта Македонија во Скопје во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“.

Со Биг бендот диригираше Љупчо Мирковски. (Фото: К. Попов)

Мирковски и Костов биле трубачи во Биг бендот долги години, станале блиски пријатели, а Костов подоцна му станал и венчален кум на Мирковски. Синот на Љупчо, пијанистот Бобан Мирковски, ги направи новите аранжмани за хитовите на Костов, кои ги пееја Дани Димитровска, Наде Талевска, Андријана Јаневска и Ламбе Алабаковски.

Бобан Мирковски доби признание за аранжманите, а во името на семејството Костов, благодарница за трудот на Кире Костов прими неговата ќерка Нина Костова-Јаневска, професорка во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.

Ана Костадиновска (лево), ќерката на Кире Костов, заедно со Сара Пројковска ги пееја придружните вокали. (Фото: К. Попов)

„Ви благодарам што помагате да се сочува музиката на Кире Костов“, рече таа кога ја прими наградата.

И другата ќерка на композиторот, Ана Костадиновска, која е професорка во истото училиште, беше дел од настанот. Ана, заедно со колешката Сара Пројковска, ги пееше придружните вокали на песните од татко ѝ. Се бореше да не заплаче во текот на целиот концерт, пеејќи ги мелодиите со кои растела.

Ламбе Алабаковски кажа дека се вратил во вистинското време кога се пеело со голем оркестар. (Фото: К. Попов)

„Овој концерт ми ги врати најубавите спомени, уживав од првата до последната нота“, ни изјави Костадиновска по концертот.

Ламбе Алабаковски рече дека се чувствувал како да настапува во некое друго време, а тоа време, кога се пеела убава музика со голем оркестар, за него е она вистинското.

Андријана Јаневска ја пееше „Твојте очи мој сине“, која оригинално ја пее Тања Кочовска. (Фото: К. Попов)

Поголемиот дел од текстовите на песните на Костов ги напишал д-р Миодраг Врчаковски, покрај Огнен Неделковски, Мина Данаиловска и други. На една дружба на Костов со д-р Врчаковски се потсетивме преку стара аудиоснимка, од фестивалот во Опатија во 1978, кога тие акустично, само во придружба на гитара, ја пееле „Галебе мој тажен“.

Дани Димитровска и Наде Талевска. (Фото: К. Попов)

Секој од пејачите имаше одговорна задача да ги испее големите хитови на Тоше Проески, Тања Кочовска, Каролина Гочева, Лидија Кочовска, Маргарита Христова, Верица Ристевска. Ќе беше добро ако со нив настапеа и дел од оригиналните изведувачи на песните, но, сепак, Ламбе, Наде, Дани и Андријана звучеа одлично заедно со Биг бендот.

М. ЏАРОВСКА / Фото: К. ПОПОВ