Најголемо изненадување на новиот албум на Калиопи, „Албум“ е дуетот со Слаткаристика. Овој необичен спој со голем аплауз го подравија присутните на промоцијата на албумот, со кој Калиопи прослави 40 години соработка со продуцентот Ромео Грил. Хип-хоп музичарот вели дека му е голема чест што таа го поканила заедно да ја испеат песната „Казна“.
„Комуницирам со Калиопи 15 години, навистина ја ценам. Ова ми е всушност прв дует со наша пејачка во животот, ја не сум снимал песни со наши пејачки, генерално и со наши пејачи. Влегов во студио, Калиопи и Ромео веќе ја имаа поставено песната, за две секунди го решив текстот. Влегов, снимав и готово. Ние си комуницираме, јас ѝ се восхитувам на неа, таа на мене. Калиопи ми рече: ‘Правам 40 години кариера, би сакала да си ми гостин’. Јас не сакав ниту да ја слушнам песната. Едноставно реков: ‘Јас имам 37 години, ти имаш 40 години музички живот, музичка кариера’. Не можев да одбијам нешто што не се одбива. Навистина ми е голема чест. Сите ние сме растени со нејзината музика, и овде не требаше ни да слушнам каква песна ќе прави. Таа годинава издаде албум, јас следната година, така што Калиопи ќе ми гостува на мојот албум“, ни рече Слаткаристика. Во неговиот дел од текстот, тој на интересен начин користи мал дел од еден од најголемите хитови на Калиопи, „Не ми го земај времето“.
Хип-хоп музичарот додава дека отсекогаш ценел луѓе кои се конзистентни, а Калиопи е пример за тоа.
„Таа секогаш била професионална и не се штедела, ниту тимот околу неа. Јас тоа сум го набљудувал од страна и секогаш сум ѝ се восхитувал“, вели Слаткар и додава оти му е драго што песната им се допаѓа на луѓето.
„Мене ми е чуден делот каде што пеам јас, и мислам дека можев подобро, но следната година кога јас ќе вадам албум, мислам дека ќе бидам подобар. А Калиопи, штом запее тоа едноставно звучи совршено, и несекојдневна е. Затоа ми е ќеф што и јас гостувам на тој албум, покрај Жељко Самарџиќ од Србија“, вели Слаткар. Иако како што вели е свесен дека пее поинаква музика од неговата досегашна, тој знае што значи музичка тежина.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ