Ретка фотографија од музичкото трио кое подоцна прерасна во „Битлс“ се појави во јавност и ги прикажува Пол Макартни, Џон Ленон и Џорџ Харисон во периодот кога сѐ уште работеле под името „Кверимен“.
Фотографијата е направена во 1959 година во дом во Ливерпул и се појави токму на 50-годишнината од објавата на Макартни дека ја напушта легендарната група, што го означи и нејзиниот крај.
„Една година по овој момент, ‘Кверимен‘ станува ‘Битлс‘, професионални музичари кои прават долги свирки во Хамбург. Четири години по овој момент во оваа соба во Ливерпул, тие се здобиваат со незамисливо ниво на слава и популарност, што се одржа до денес“, вели историчарот на „Битлс“, Марк Луисон.
Ленон ја оформил својата прва рокенрол група во 1957 година, заедно со уште петмина членови, на која подоцна ѝ се придружиле Макартни и Харисон.