ОВА НЕМА ДА БИДЕ ЗАБАВА, ТУКУ ИСКУСТВО, ВЕЛИ ДУКЕ БОЈАЏИЕВ ЗА ПРЕТСТОЈНИТЕ КОНЦЕРТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот музичар со њујоршка адреса Дуке Бојаџиев ги замисли претстојните два концерта во Македонската филхармонија како повторна средба со свои стари пријатели и долгогодишни соработници, при што фокусот ќе биде ставен на филмската музика и на неговиот последен албум „Сон, верба, љубов“, што излезе на крајот на минатата година.

Специјални гости на концертите што ќе се одржат утре и задутре, двата со почеток во 19.30 часот, ќе бидат Тијана, Наташа Петровиќ, Исмаил Лумановски, Костас Анастасијадис, Мартин Ѓаконовски и жичен квартет и Дуке се присети како се запознал со секого од нив.

„Со Исмаил живееме и работиме во Њујорк повеќе од 15 години, Мартин ми е пријател од детство и преку него се запознав со Костас пред три години во Охрид, но тој е во Германија, па веќе не се гледаме често. Со Тијана го почнав мојот музички развој и ова ќе ни биде прв заеднички настап по повеќе од 20 години“, кажа Бојаџиев.

Тој вели дека овие концерти нема да бидат забава, туку искуство, на кое сака да ја поведе и публиката.

„Најголем дел од репертоарот ќе биде од мојот последен албум. Тоа е проект на којшто работев во последните десет години и со овие концерти ќе го заокружам тој работен процес. Албумот генерално е инспириран од Македонија и од детството. Во овие звуци вметнав длабоко емотивни инспирации. Има и филмски елементи во оваа приказна, има и фузија на класична музика и џез, сето тоа со еден њујоршки шмек. Ќе биде уживање да се свири со оваа екипа музичари, пријатели и врвни светски таленти“.

Тијана ќе отпее неколку филмски нумери напишани од Бојаџиев.

„Со Дуке заедно настапуваме од моја петта, а негова седма година. По дома, тој свиреше, јас пеев. Нема оправдување што не сме настапувале заедно толку долго време. Неизмерно ми е мило, среќна сум и чест ми е што влегов во овој пакет, оваа констелација“, кажа Тијана.

Г. КОНЕВ