„Панда 5“, новата група на џез гитаристот Тони Китановски, вечерва ќе го промовира својот дебитантски албум, насловен „Big City Scare“.
Тоа ќе биде и своевидна најава на 37. издание на Скопскиот џез фестивал, на којшто албумот ќе биде и концертно изведен, на последната вечер на 21 октомври, кога Китановски ќе одбележи и три децении присуство на музичката сцена.
Покрај Китановски, во „Панда 5“ членуваат и Кирил Кузманов (алт саксофон), Трајче Велков (труба), Кирил Туфекџиевски (контрабас) и Виктор Филиповски (тапани). Продуцент на албумот е Ален Хаџи-Стефанов.
Промоцијата на албумот, кој содржи седум композиции и е 42. издание на Скопски џез фестивал, ќе се одржи во арт-кафето „Менада“ во Скопје, со почеток во 20.30 часот.