„ПМГЏЕЗ“ ОБЈАВИ ПЕТ ДОМАШНИ ЏЕЗ АЛБУМИ ВО ВРЕМЕТО НА КАРАНТИН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Издавачката куќа „ПМГЏЕЗ“ ја збогати македонската џез дискографија со пет нови албуми во времето кога државата е во карантин, а музичката сцена во застој.

Заокружувајќи ја иницијативата „5Џ“, под етикетата на „ПМГЏЕЗ“ денеска излегува албумот „Рурал“ на „Кобалт код јунит“, како последно од предвидените пет изданија кои беа објавувани пет петоци по ред.

„Фразата ‘нов бран‘ е повторно актуелна во македонското музичко секојдневие, но овојпат е фокусирана на раздвижената млада џез сцена, која полека се открива со своите раскош, квалитет и автентичност. Како одговор на карантинот и неможноста да се излезе и свири во живо, ‘ПМГЏЕЗ‘ ја заокружува својата најнова иницијатива, која носи интересен наслов ‘5Џ‘“, вели Мирко Попов, кој стои зад оваа издавачка куќа.

Претходно, во рамките на „5Џ“ беа објавени албумите „Plush Pig“ на Јордан Костов квинтет, „Six Years“ на Светлост, „Лајв (Доцен час)“ на „Сетстет“ и Мирко Попов и „СД4“ на истоимената група.