ПОЧНУВА 4. ЦИКЛУС БЕСПЛАТНИ КОНЦЕРТИ „СЛОБОДНА СРЕДА“ НА МУЗИЧКА МЛАДИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичка младина на Македонија денеска го почнува четвртото издание на циклусот концерти „Слободна среда“, кои ќе се одржуваат во Музејот на македонската борба во Скопје. Планирани се шест концерти, на кои ќе се претстават повеќе од 50 домашни музичари до 30-годишна возраст.

„Платформата ‘Слободна среда’ е циклус концерти на кои настапуваат поединци или музички состави, инструментални и вокално-инструментални, а се претставуваат со едно до две дела. Концертите им овозможуваат на младите учесници постепено да градат искуство на сцена и пред публика. Нѐ радува што од година во година заинтересираноста кај младите музичари е сѐ поголема“, вели Александар Герасимовски од Музичка младина на Македонија.

Концертите ќе се одржат на 1, 15, 22 и 29 март, како и на 5 и 12 април, сите од 19 часот, а влезот е бесплатен. „Слободна среда“ е содржина со која се одбележува 60-годишниот јубилеј на Музичка младина на Македонија.

(Фото: Музичка младина на Македонија)