РИЈАНА ВО ГОЛЕМА ТАЈНОСТ ГО СНИМА НОВИОТ АЛБУМ, ДОСЕГА Ѝ СЕ ПОНУДЕНИ 500 СНИМКИ

Лос Анџелес, (Ролинг стоун)

Повеќе од една година, Ријана и нејзината издавачка куќа „Рок нејшн“ се во потрага по ритми за да го комплетираат нејзиниот нов албум, посветен на карипските корени на пејачката, но, според некои извори, таа истовремено работи и на поп-ориентиран албум.

Ријана пред еден месец првпат најави дека би можела да сними реге/денсхол албум, но оттогаш нема никакви нови информации за тоа, иако некои од најголемите продуценти и композитори на оваа музика имаат приложено свој материјал за него.

„Тимот на Ријана досега за овој проект има добиено околу 500 снимки од различни автори. Ќе треба да се изберат само десет. Тие имаат цели кампови за правење песни и сето тоа се држи во тајност веќе година и пол. Цело време летам за Мајами и Лос Анџелес и монтирам песни за овој проект“, кажа еден продуцент, кој побара да остане анонимен.

Според друг продуцент вклучен во проектот, ако новиот албум на Ријана биде успешен, голема корист од него би можела да има целата јамајканска музичка сцена.

„Секој уметник, продуцент и композитор од Јамајка или со јамајканско потекло работи на албумот на Ријана веќе некое време. Мислам дека досега имаат осум песни, но се бара барем уште една. Ако новиот албум на Ријана излезе успешен, тоа ќе му даде нов живот на денсхол жанрот. Штом уметник како Ријана прави албум инспириран од јамајкански поп, тоа дефинитивно ќе го сврти вниманието кон него“, вели тој.