РУСКИОТ ПИЈАНИСТ ЛУГАНСКИ ВЕЧЕРВА НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

На Охридско лето, вечерва од 21 часот во „Св. Софија“, концерт ќе одржи рускиот пијанист Николај Лугански, за кого критичарите велат дека поседува исклучителни префинетост и чувствителност во свирењето, слична на онаа што ја имале Моцарт и Шопен, како и виртуозност која потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев.

Лугански студирал на Московскиот конзерваториум, во класата на познатите професори Татјана Кестнер, Татјана Николаева и Сергеј Доренски.

Во кариерата настапувал во некои од најпрестижните сали во светот, како „Вигмор хол“ во Лондон, „Концертхаус“ во Берлин, Големата сала на Московскиот конзерваториум, Големата сала на Филхармонијата на Санкт Петерсбург и други, а соработувал и со некои од најзначајните оркестри.

Лугански вечерва ќе изведе дeла од Дебиси, Скрјабин и од Рахмањинов.