САКАВ ДА БИДАМ ПРОДУКТИВЕН И ВО ПАНДЕМИЈАТА, ВЕЛИ ТРПЧЕСКИ ЗА СВОЈОТ НОВ АЛБУМ СО ДЕЛА ОД ШОСТАКОВИЧ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во издание на „Лин рекордс“ од Велика Британија, вчера излезе новиот албум на пијанистот Симон Трпчески со дела од Дмитри Шостакович.

„Станува збор за еден производ на оваа пандемија што јас го иницирав за да бидам продуктивен кога веќе немав концерти. Заедно со ‘Лин рекордс’, филхармонискиот оркестар ‘Јаначек‘ од Острава, романскиот диригент Кристијан Мачелару и со првиот трубач на Националниот оркестар на Франција Андреј Кавалински, успеавме да организираме снимање на двата пијано концерта на Шостакович, како и на Второто трио за виолина, виолончело и пијано со колегите од проектот ‘Македонисимо’ Александар Краповски и Александар Сомов“, изјави Трпчески за Македонското радио.

В недела, Трпчески ќе го има својот деби настап со Софиската филхармонија, најавува „КултурОп“, а во јунскиот распоред се настапот со филхармонијата на Санкт Петербург, двата концерта со Симфонискиот оркестар на шпанскиот регион Астурија и концертот на затворањето на сезоната на Романскиот радиски камерен оркестар во Букурешт.