Носталгично сеќавање на најубавите домашни евергрини од 1960-тите и од 1970-тите беше концертот на Националниот џез оркестар со гудачки камерен оркестар на 19 август на плоштадот „Делфина“ во скопската населба Влае. Имаше и понови песни како „Моја гитара“ од Сашо Гигов- Гиш.
Хитовите од златното време на македонската популарна музика ги пееја Андријана Јаневска, Џон Илија Апелгрен, Ана Петановска, Светлана Јовановска и Драган Мијалковски.
Ретко убава можност на отворено беше да се слушаат „Молчи молчи“, „Рандеву“, „Езеро мое“, „Еден бакнеж“, „За нас почнува живот“, „Зборувај за Скопје“, во придружба на Биг бенд, со побогати аранжмани кои сепак го задржале она највредното во старата мелодија.
„Гледам дека повеќето ги знаат овие песни. И младите и повозрасните. Но, за оние кои не ги знаат, нека пребараат на Јутјуб, нека видат какво било Скопје некогаш“ рече диригентот на НЏО, Џијан Емин. Сценариото беше убаво осмислено, па за секој од пејачите беа избрани соодветни песни, а имаше и заеднички настапи како „Како Вардар“ која ја испејаа Андријана Јаневска, Џон Илија Апелгрин, Ана Петановска и Светлана Јовановска.
Дел од хитовите им ги насолзија очите на оние од повозрасната генерација, а ги разиграа децата. Кога на крајот се појави легендата Драган Мијалкковски, децата заедно со него го пееја хитот „223-305“. Мијалковски го почна настапот со посвета за Скопје и песната „Скопје младост моја“.
„Оваа песна е моја моментална инспирација за мојата голема љубов, Скопје. Се радувам што и децата ја знаат „223-305“, рече пејачот.
Концертот „Македонски музички времеполов-незаборавни евергрини“, го организираше радио „Буба мара“ како отварање на „Карпошово културно лето 2024“. Сопственикот на радиото, Ранко Петровиќ ни кажа дека следни слични настани се планирани и во други општини како музички караван на на „Златна Буба мара на популарноста“.
М.ЏАРОВСКА