СЕ ВРАТИВМЕ ВО МКЦ ПО ЦЕЛИ 40 ГОДИНИ, РЕЧЕ БАЈАГА КОЈ СО „ИНСТРУКТОРИ“ СЛАВИ ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ ОД ПРВИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По цели 40 години, Момчило Бајагиќ- Бајага и „Инструктори“ сношти се вратија во скопскиот Младински културен центар (МКЦ) за да го отсвират нивниот прв албум „Позитивна географија“ од 1984.

„Се вративме во МКЦ по 40 години. Овде не сме свиреле од 1984“, рече српскиот кантавтор кој годинава со бендот слави четири децении кариера. Тој во декември минатата година одржа поголем концерт во салата „Јане Сандански“ за 30 години „Авалон“, а овој беше поинтимен, за најверните фанови, а главната симболика беше што се одржува токму во МКЦ.

Речиси сите песни кои Бајага ги испеа на „Позитивна географија“ станаа евергрини, а со истиот жар и енергија тој и бендот ги пеат и ги свират и денес. „Берлин“, „Тамара“, „Марлена“, „Лимените труби“ (Лимене трубе), „Бакни ме“ (Пољуби ме), „Текила-герила“ звучат како да не се стари 40 години, затоа што се често присутни на радијата, на концертите и на дигиталните платформи денес. За својата радост што уште пее на големи турнеи и живее рокенрол живот на 64 години, тој раскажа пред неколку месеци во Скопје:

„Се случувало во времето на Југославија да имаме и до 100 настапи годишно. Додека бев во ‘Рибља чорба’ патувавме со едно мало комбе, Бора Ѓорѓевиќ седеше напред, а ние тројца на една клупа позади. Сега си дозволивме малку поголем комфор. Во јули го регистрирав новото комбе, а веќе имаме поминато 12.000 километри. Сега веќе ги нема големите турнеи, но јас сѐ уште не можам да заспијам по 2-3 часа по секој концерт од адреналин“, рече Бајага во ноември лани.

Фото: К.Попов

На времето кога беше гитарист во „Рибља чорба“ тој потсети и изненади со две песни: „Добро утро“ (Добро јутро) и „Еве ти за такси“ (Ево ти за такси).

„Драги пријатели, немаме веќе песни. Ако ви се допаѓа некоја, ќе повториме. Ако сакате повевеќе, би ми било мило да дојдете на нашиот концерт на отворено во Белград, на Хиподромот на 31 август“, рече Бајага за крај. Концертот го организираше „Авалон“ продукција.

М. ЏАРОВСКА