ШТИП Е КАКО ВИЕНА ВО МАЛО, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ШТИПСКОТО МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ ЗА ПРЕДНОВОГОДИШНИТЕ КОНЦЕРТИ

Штип, (СМАРТ.СДК.МК)

За еден ден се распродадени билетите за трите концерти од предновогодишната традиционална програма на Музичкото училиште „Сергеј Михајлов“ од Штип. За денес (25 декември) се предвидени два концерта од 17 и од 20 часот, а првиот се одржа синоќа (24 декември) на големата сцена на Домот на културата во Штип.

„Секоја година во овој период, Штип станува Виена во мало. Ако во Виена се одржуваат новогодишните концерти на 1 јануари, ние традиционално завршните концерти ги одржуваме пред Нова година. Има голем интерес кај штипјани и луѓе од други места. Да можевме да организираме и седум концерти ќе беа малку“, вели директорот на училиштето Илија Ќосевски.

Настапуваат учениците од Основното и Средното музичко училиште или вкупно над 250 ученици и нивните професори. Се свират класични дела од најпознатите светски композитори, а има и новогодишни теми  од кои доминираат валцерите. Новогодишните концерти се одржуваат 13 година по ред.

Т. ЈОВАНОВСКИ