Со силни емоции на сцената и во публиката и со едногласно пеење на легендарните песни на Тоше Проески, помина синоќешниот хуманитарен концерт во ВИП арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Покрај неговите безвременски хитови, кои ги пееја познати македонски и балкански пејачи, на концертот беше промовиран албум со седум досега необјавени песни од Тоше Проески, насловен „Тајно место“ (Secret Place).
Во придружба на бендот на Тоше настапија Kаролина Гочева, Тамара Тодевска, Даниел Кајмакоски, Антониа Гиговска, Тијана Дапчевиќ, Наум Петрески, Борис Новковиќ, Ања Рупел и групата „Фрајле”, a внукот на Тоше Проески, Кристиан Ристески, ја изведе својата прва песна „Ние сме крв“ (We Are Blood), што исто така е дел од албумoт.
Соработникот на Тоше и продуцент Енди Рајт ја поздрави бројната публика со препознатливата изјава на еден од најомилените пејачи на Балканот „Ве сакам сите“ и рече дека тој ќе беше голема светска ѕвезда.
Фото: Г. ДЕСКОВСКИ