ТАМАРА ВЕЧЕРВА ВО ТРКА ЗА ФИНАЛЕТО НА ЕВРОСОНГ

Тел Авив, (СМАРТ.СДК.МК)

(Специјално од Тел Авив: Игор ТРАЈКОВСКИ)

Вечерва, во второто евровизиско полуфинале во Тел Авив, за едно од десетте места во финалето ќе се натпреварува и македонската пејачка Тамара Тодевска со песната „Горда” (Proud). Според предвидувањата на обложувалниците, а и на акредитираните новинари на настанот (позиција 5), песната би требало да избори место во саботното финале.

Најголемата конкуренција на Тамара во ова поприлично неизвесно полуфинале доаѓа од Холандија, Шведска, Русија, Швајцарија и Азербејџан, меѓу кои е можно да стои и евентуалниот победник в сабота. На жири-полуфиналето одржано синоќа, публиката во Експо центар во Тел Авив и внимателните гледачи во евровизискиот прес-центар најпозитивно реагираа на изведбата на шведскиот претставник Џон Лундвик со поп-соул композицијата „Предоцна за љубов“ (Too Late for Love), но и на Тамара чии адути се извонредниот глас и моќната презентација. Реномираниот американски музички магазин „Билборд“ ја вброи Тамара меѓу 12-те композиции кои би можеле да победат на оваа Евровизија, меѓу другото и поради тоа што темата на песната е актуелна и се очекува да биде добро вреднувана од професионалните жирија.

На првото полуфинале одржано во вторникот за финале се изборија Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија. Ако Тамара успее да се избори за финалето, Дарко Димитров ќе има две композиции како коавтор во трка за победа бидејќи е потписник и на „Круна“ на српската претставничка, Невена Божовиќ.