По 30 години музичка кариера, поп-пејачот Ѓоко Танески ќе одржи концерт во родниот Охрид, во Антички театар на 20 јули од 21 часот.
Танески вели дека е среќен што конечно ќе му се оствари желбата да одржи солистички концерт во Античкиот театар.
„Триесет години го чекав ова и конечно го дочекав. Не можам да поверувам дека толку поминаа откако почнав да пеам. Жал ми е што досега не сум имал поголем концерт во мојот град, иако често настапувам на настани. Едноставно, коцките не се поклопиле, но дојде време да си го остварам детскиот сон“, вели поп-пејачот.
На концертот, тој во оркестарска верзија ќе ги пее хитовите „Збогум најмила”, „Мој пријателе“, „Никогаш доста“, „Цветај расцветај” и „Јас ја имам силата“, која ја испеа на Евровизијата во Осло во 2010.
„Освен мои песни, ќе испеам и некоја староградска“, вели Танески.
Во тој дух се и неговите две песни „Една љубов имам“ и „Ти“, кои ги работеше со авторот Никола Мицевски.
Влезниците се продаваат преку мрежата на „МК тикетс“, а организатор на концертот е „Фреш унион“.
М. ЏАРОВСКА