ТРПЧЕСКИ ЌЕ ГО ИЗВЕДЕ „МАКЕДОНИСИМО“ ВО МОНТЕ КАРЛО, „БИ-БИ-СИ“ ГО НАРЕЧЕ БРИЛИЈАНТЕН АЛБУМОТ СО КОНЦЕРТИТЕ ОД БРАМС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот пијанист со светски успеси Симон Трпчески ќе настапи во Монте Карло во салата „Рение Трети“ со проектот „Македонисимо“ на 13 јануари. Трпчески со колегите Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев продолжуваат со претставувањето на проектот базиран врз традиционалната македонска музика, чии транскрипции, по идеја на Трпчески, ги напиша композиторот Панде Шахов.

Планирани се четири концерти на Трпчески како резиденцијален музичар на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло.

По највисоките пет ѕвездички од „Тајмс“ и „Грамофон“, и „Би-Би-Си“ објави критика за новиот двоен албум снимен за британската издавачка куќа „Лин рекордс“, на кој Симон Трпчески соработува со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на ВДР од Келн во изведбата на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс.

Критичарката Џесика Духен во текстот на „Би-Би-Си“ вели дека свирењето на Трпчески отсекогаш имало примеси на брилијантност

Критичарката Џесика Духен, во текстот со поднаслов „Изведбата на овие концерти на пијанистот Симон Трпчески и неговите придружници е навистина незаменлива“, вели:

„Има толку пријатна, експанзивна топлина и чувство на уживање. Настрана сѐ друго, звучи како музичарите да се забавуваат како никогаш досега. Свирењето на Симон Трпчески отсекогаш имало примеси на брилијантност, која има големи шанси да блесне. Изгледа дека тој и Мачелару разменуваат идеи еден со друг. Снимениот звук е длабок и топол“, пишува рецензентката на музичкиот магазин на „Би-Би-Си“.

Овој албум на Трпчески е кандидиран за најдобра концертна изведба на Германските дискографски награди.

Во традиционалниот новогодишен избор на културни настани што ја одбележале минатата година во Србија, белградскиот весник „Политика“ го вброи и декемврискиот концерт на македонскиот пијанист со Симфонискиот оркестар на РТС и диригентот Бојан Суѓиќ.