ВЕЛЕШКАТА КОСТУРНИЦА УТРЕ ЌЕ СТАНЕ СЦЕНА ЗА МУЛТИМЕДИЈАЛЕН НАСТАН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Спомен-костурницата во Велес утре, со почеток во 15 часот, ќе се претвори во простор за мултимедијален настан, што ќе опфати повеќе музичко-изложбени содржини.

Организатор на настанот е „Задруга 5060“, која ве води во посета на ова заштитно обележје на градот на еден поинаков начин.

Марко Кројач доаѓа од Берлин и ќе одржи изложба на фотографии од повеќе од 130 меморијални споменици од просторите на бивша Југославија, проект на кој работеше во последните 15 години.

Краткометражниот филм на Стефан Сидовски од 1986 година, „Споменик на револуцијата“, ќе биде прикажан во нова дигитализирана верзија, додека Сашо Пуцковски, скопјанец кој живее и работи во Белград, ќе се претстави со својот аудиовизуелен перформанс Ноиту.

Музичкиот дел го дополнуваат Сусијат, Александар Ордев, Александар Ников и Мнемоник45.