Наоми Осака вчера се повлече од Ролан Гарос откако организаторите на турнирот немаа слух за нејзините ментални проблеми и најави дека ќе земе пауза од тенисот. Втората тенисерка на светот откри дека страдала од депресија од освојувањето на првата гренд слем титула во 2018 и дека ѝ се случуваат напади на анксиозност кога треба да зборува со медиуми.
Јапонката пред почетокот на турнирот најави дека нема да се појавува на прес-конференции за да си го заштити менталното здравје, по што организаторите ѝ се заканија со казни. Така и се случи по нејзиниот прв меч со Патриција Марија Тиг, кога беше казнета со 15.000 долари. Притоа ѝ се заканија дека ќе биде исклучена од турнирот, како и со дополнителни суспензии и казни, ако продолжи да ги бојкотира медиумите.
„Ќе земам пауза од тенисот. Ова не е ситуација што ја замислував и што сакав да ја предизвикам. Се согласувам дека мојата порака требаше да биде појасна. Никогаш не би го тривијализирала менталното здравје. ниту така лесно би го користела тој термин. Вистината е дека имав фази на депресија по освојувањето на Ју-Ес опен во 2018 и тешко се носев со тоа. Сите кои ме познаваат знаат дека сум повлечена личност и секогаш сум нервозна и под стрес кога треба да зборувам со медиумите. Затоа во Париз веќе се чувствував ранливо и анксиозно“, изјави 23-годишната Осака.
Голем број тенисери и други спортисти ѝ дадоа поддршка на Осака, истакнувајќи ја нејзината храброст.
Наоми Осака, Јапонка која од тригодишна возраст живее во САД, стана тениска сензација кога во финалето на Ју-Ес опен во 2018 ја победи Серена Вилијамс. Потоа освои уште три гренд слем титули, вклучувајќи го Отвореното првенство на Австралија оваа година.