НИ 100 ГОДИНИ ОД ТЕКСТОВИТЕ НА НУШИЌ, НЕ СМЕ ГИ НАУЧИЛЕ ГРЕШКИТЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ЕВТИМОВ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „ГОСПОЃА МИНИСТЕРКА“ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Госпоѓа министерка“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Синиша Евтимов, премиерно ќе се изведе вечерва (27 март) од 20 часот во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Со претставата ќе биде отворено 4. издание на театарскиот фестивал „5ре“, кој годинава за првпат е меѓународен.

Евтимов вторпат режира во Велес, првиот пат беше пред четири години со „Четири соби“, која наскоро ќе се врати на сцената, при што Васил Зафирчев ќе го замени Самоил Стојановски, кој почина на 3 март.

„Нашата министерка е современа министерка, претстава која се случува во денешно време, но не значи и во нашиот простор. Во претставата ќе се препознаеме сите со сите наши маани и предизвици во современото живеење. Нушиќ е болно прецизен и иако неговите текстови се напишани многу одамна, сѐ уште модерно резонираат. Можат да се препознаат сите ликови кои се појавуваат на сцена, постоеле тогаш, постојат и денес. Во изминатите сто години не сме успеале да научиме од нашите грешки, се однесуваме и ги решаваме проблемите како што сме ги решавале пред еден век. Се бавиме со ниски страсти, малодушност, малограѓанство. Тоа се работи кои мораме да ги надминеме за да станеме подобро општество“, рече Евтимов.

Тој на театарскиот фестивал „5ре“ учествува со уште една претстава, „12“ на Македонскиот народен театар.

„Важно ми е што славам јубилеј 30 години на сцена и што го славам на оваа сцена. Драго ми е што дел од мојата прослава се многу млади колеги“, рече Зорица Панчиќ, која ја толкува улогата на г-ѓа министерка Живана.

Сценограф е Мартин Манев, а костимографка е Илина Ангеловска. Во претставата играат и Фаик Мефаиловски, Талија Настова, Симона Димковска, Исидор Јовановски, Благојчо Стојанов, Стефан Николовски, Кире Ацевски и Филип Христовски.

П. ПЕЧКОВ