ТОА ШТО ЌЕ СЕ ЗАЧУВА Е КУЛТУРА – ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ЈА ИЗЛОЖИ ЛИЧНАТА КОЛЕКЦИЈА НА ПЛАКАТИ И ПОСТЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичката историја на македонскиот гитарист со светска кариера Влатко Стефановски е прикажана на изложбата „Патешествие“, која се отвори синоќа во Музејот на Град Скопје.

Изложбата содржи 90 плакати и постери од кариерата на Стефановски, позајмени од неговата лична колекција, почнувајќи од првите настапи со култниот бенд „Леб и сол“ до концертите на светските сцени.

(Фото: Синема сити)

Стефановски рече дека колекцијата е поголема од тоа што е изложено и дека се прикажани разни епохи, од 1970-ите до денес.

„Татко ми ме научи дека работите треба да се чуваат. Тоа што ќе се сочува е култура, тоа што ќе се изгуби не е култура. Архивирањето е колективна меморија, тоа што ќе се сочува е доказ дека си бил жив“, рече Стефановски.

Тој додаде дека отсекогаш си земал по една ролна плакати за себе, што како пракса им го препорача на сите уметници.

(Фото: Синема сити)

Изложбата е дел од петтото издание на фестивалот на музички документарни филмови Скопје синема сити, што официјално почнува вечерва во Кинотеката. Стартот е со „Кит Ричардс: Под влијание“, портрет на легендарниот гитарист на „Ролинг стоунс“, а потоа ќе настапи Стефановски. На фестивалот ќе бидат прикажани и документарни филмови за Роберт Џонсон, Ерик Клептон, Ник Дрејк, Марк Рибо, „Мадредеуш“, „Ју-Ту“, „Квин“ и за германската краутрок сцена.