Драмски театар денеска без свеченост, актери и претстава поради ковид пандемијата одбележува 75 години постоење.
„75. роденден, за жал, не можеме да го наречеме среќен и да го прославиме на начин како што му доликува на Драмски: со сите актери на сцена, цела техника, полн салон, со аплауз. Но, со надеж и верба дека оваа празнотија во театарот е привремена, ние работиме и чекаме нашата енергија, талент и магија да ги споделиме со оние на кои им е наменет театарот – публиката! 75 години овој театар живее и го чува духот на сите големи актерски имиња кои го полнеле храмот на уметноста со смеа, солзи, аплаузи. Му посакуваме сите следни родендени да бидат прославени со цел ансамбл, со полн салон, со љубов“, вели директорката Катарина Коцевска Хаџи-Василева.
Почетоците се врзуваат со изведбата на детската куклена претстава „Силјан Штркот“ на куклената сцена во рамките на Македонскиот народен театар во 1946 година. Во следните 15-ина години, куклената сцена се развивала како самостоен театарски субјект надвор од МНТ, добивајќи го сегашното име Драмски театар Скопје во 1965.
Од земјотресот во 1963 до 1965 година театарот немал своја зграда. На 4 март 1965, Драмскиот младинско-детски театар се преселил во монтажниот објект, изграден како донација на британската амбасада, во населбата Карпош 2. Првата претстава што била изведена во новиот објект била „Богомилска балада“. Истовремено се формирал и постојан професионален ансамбл, чии основачи биле Нада Гешоска, Димитар Гешоски, Дарко Дамески, Вукан Диневски, Мара Исаја, Јон Исаја, Ацо Јовановски, Тодорка Кондова-Зафировска, Драги Крстевски, Крум Стојанов, Милица Стојанова и Кирил Ќортошев.
„Мора да се потенцира дека ДТС својата препознатливост на модерен/иновативен театар му ја должи на Ристе Стефановски, кој технички и уметнички го реорганизирал. Оформил две засебни сцени, младинската и детската, додека во 1960 започна со работа и вечерната сцена“, вели Драмски.