ПСЖ СО МЕСИ ГО КОМПЛЕТИРА НАЈМОЌНОТО НАПАЃАЧКО ТРИО ВО СВЕТОТ НА ФУДБАЛОТ

Париз, (Би-Би-Си)

По 21 година, Лео Меси од денеска има нов клуб.

Најбогатите европски клубови долго време сонуваа да го донесат Меси, но тоа никогаш не беше финансиски остварливо. Дури и без обесштетување, малку клубови можеа да си го дозволат. Тој синоќа потпиша двегодишен договор со Пари Сен-Жермен, кој со него го комплетираше можеби најмоќниот напад во историјата на фудбалот.

Меси во ПСЖ ќе се обедини со својот пријател Нејмар и со младата француска суперѕвезда Килијан Мбапе, а дополнителни напаѓачки опции ќе бидат Анхел ди Марија и Мауро Икарди, и двајцата Аргентинци. Минатата сезона, Мбапе постигна 27 гола во домашното првенство, Нејмар девет, Икарди седум, а Ди Марија четири.

Но, Меси беше дел од моќни напаѓачки постави уште од тинејџерските денови, почнувајќи од Роналдињо и Самуел Ето. На 21 година играше заедно со Тјери Анри и Ето и постигна 38 гола на 51 натпревар. Во сезоната 2010/11, партнери му беа Педро и Давид Вилја (98 гола), а можеби најславниот напаѓачки ред беше оној со Нејмар и Луис Суарес. Во трите заеднички сезони, од 2014 до 2017 година, тие искомбинираа 364 голови и 174 асистенции.

Ако некој може да му конкурира на новиот напад на ПСЖ, тоа е Ливерпул, чија тројка Салах-Мане-Фирмино има постигнато 273 голови.

Освен Меси, ПСЖ ова лето бесплатно ги донесе и капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, голманот на Милан, Џанлуиџи Донарума и Џини Вајналдум, за да добие дрим тим кој треба да го покори фудбалот.