Кристијано Роналдо се придружи на елитна група фудбалери откако вчера го постигна 700. гол во кариерата. Тој беше прецизен од белата точка, но со тоа само го ублажи поразот на Португалија од Украина (2:1) во квалификациите за ЕП 2020. Тоа беше негов 95. гол во репрезентативниот дрес и пред него на вечната листа останува само Иранецот Али Даеи со 109.
Роналдо стигна до бројката од 700 постигнати голови на 973 натпревари и на 458 од нив барем еднаш беше стрелец.
Според официјалните статистики, Роналдо сѐ уште е доста далеку од рекордерот Јозеф Бицан, кој постигна 805 голови во периодот од 1931 до 1955 година. Тој се прослави како играч на Рапид Виена и Славија Прага и ги бранеше боите и на Австрија и на Чехословачка.
Роналдо најмногу ја подобри својата статистика додека настапуваше за Реал Мадрид, за кој постигна 450 голови. Тој има дадено и 118 погодоци за Манчестер јунајтед.
На клупско ниво, од него најмногу страдале Севилја (27 голови), Атлетико Мадрид (25) и Хетафе (23), додека по пет гола им има дадено на Андора, Ерменија, Летонија и Шведска. Од друга страна, тој никогаш не ја затресол мрежата на Германија, Италија, Франција и Англија.
НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ НА СИТЕ ВРЕМИЊА
- Јозеф Бицан (Австрија/Чехословачка): 805 голови (1931-1955)
- Ромарио (Бразил): 772 (1985-2007)
- Пеле (Бразил): 767 (1957-1977)
- Ференц Пушкаш (Унгарија/Шпанија): 746 (1943-1966)
- Герд Милер (Германија): 735 (1962-1981)
- Кристијано Роналдо (Португалија): 700 (2002-)