Шерпасот Ками Рита се искачи на Монт Еверест по 23. пат, со што го подобри сопствениот светски рекорд.
Четириесет и деветгодишниот Рита утрово стигнал на врвот со уште неколкумина планинари и сите се безбедно, потврдија од непалската влада. Најблиските конкуренти на Рита по 21 пат се имаат качено на највисокиот врв на Земјата, но и двајцата веќе се имаат повлечено.
„Ова е мојата професија, но во исто време поставувам нови рекорди за Непал“, кажа Рита неодамна.
Рита првпат се качил на Еверест во 1994 и оттогаш речиси секоја година бил горе. Тој е еден од многутемина шерпаски водичи чии вештини и стручност се од витално значење за безбедноста и успехот на стотици планинари кои секоја година доаѓаат во Непал. Освен Еверест, Рита има совладано и неколку други врвови кои се меѓу највисоките, како К-2, Лотсе и Манаслу.
„Го познавам Монт Еверест многу добро, но во исто време сум свесен дека можеби нема да се вратам. Јас сум како војник кој зад себе ги остава жената и децата“, вели Рита.