СИТУАЦИЈАТА ВО БАРСЕЛОНА НЕ Е ДОБРА, НО НЕМАМ НАМЕРА ДА СИ ОДАМ, ВЕЛИ ЛЕО МЕСИ

Барселона, (Гардијан)

Лео Меси кажа дека нема намера да ја напушти Барселона, но предупреди дека клубот мора да дејствува, откако во изминатиот месец проблеми се појавувале еден по друг.

„Многу пати сум кажал дека сакам да останам во Барселона сѐ додека клубот го сака тоа. Многу пати сум имал шанса да си заминам. Имаше многу заинтересирани клубови, клубови кои беа подготвени да ја активираат откупната клаузула, но тоа не ме интересираше, па така и сега. Но, многу пати сум кажал и дека би сакал клубот да биде во добра состојба, фановите да бидат среќни со тимот што го имаме и ова да биде победнички проект“, вели Меси.

Во последната штетна епизода за имиџот на клубот, радиото „Кадена сер“ објави дека Барселона ангажирала агенција за еден милион евра која преку интернет требала да го брани претседателот Бартомеу и да ги критикува играчите.

„Тоа е чудно. Ќе почекаме да видиме дали тоа е вистина“, рече Меси во интервјуто за „Мундо депортиво“.

Меси кажа дека се почувствувал нападнат од техничкиот директор Ерик Абидал, кој неодамна ги обвини играчите дека се виновни за отказот за тренерот Валверде зашто не сакале напорно да работат под негово водство. Во едно од ретките обраќања преку социјалните мрежи, Меси потоа го прозва Абидал дека со вакви тврдења го нарушил угледот на играчите.

„Често ме напаѓаат дека имам преголема моќ во соблекувалната и дека решавам за работи во клубот. Тоа ме повредува и како личност и како играч. Не знам зошто постојано се повторува дека јас го водам клубот. Тоа не е вистина“, кажа Меси.