СО „МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ“ МЛАДИ ХОРИСТИ ОД ВЕЛЕС И СКОПЈЕ УЧЕСТВУВАА ВО ПРОЕКТОТ „БАЛКАНОТ ПЕЕ“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Млади хористи од ОУ „Васил Главинов“ во Велес и од средните училишта „Георги Димитров“ и „Никола Карев“ во Скопје, заедно со нивните професорки Веселинка Маџарова и Јасмина Беличанска, беа дел од проектот Балканот пее“. Овој музички проект обедини ученици од поранешна Југославија и се работеше неколку месеци во време на ковид карантините.

„Идејата е на Александра Станковиќ од Белград, која е претседателка на Здружението на музичките педагози на Србија. Соработката се случи преку нашето Здружение на музичките педагози, бидејќи имавме претходно соработка“, вели Маџарова.

Работеле три месеци, период кој барал многу труд и вложувања. Секоја земја сама избрала песна што ќе ја изведе и истата требало да ја испеат и останатите учесници заеднички.

„Беше напорно, сите проби ги изведувавме преку програмот Тимс и немаше меѓусебен контакт. И онлајн направивме добра работа. Овој проект е мултикултурален, оти децата запознаваат фолклор кој им е непознат“, додаде Маџарова.

Таа и нејзината колешка од Скопје, Беличанска, се одлучиле за „Македонско девојче“.

„Сметавме дека надвор од Македонија, во државите од поранешна Југославија, нема кој не ја знае ‘Македонско девојче‘. Има убава мелодиска линија и затоа ја избравме токму неа“, вели Маџарова.

П. ПЕЧКОВ