СО САЊА 9 ГОДИНИ ПРАВЕВМЕ ДЕТЕ, МОША СЕ РОДИ ОТКАКО ПРЕСТАНАВ ДА ПИЈАМ – ПОДКАСТ СО РАПЕРОТ СЛАТКАРИСТИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хип-хоп музичарот Марко Маринковиќ-Слаткаристика вели дека му е драго што го распродал првиот од двата закажани концерти во „Ивент центарот“ во Скопје на 16 март, со кој ќе слави 15 години од неговиот прв албум „Слаткаристика будало“. Распродаден е половина и од вториот концерт кој ќе се одржи на 22 март на истото место.

Во подкастот на САКАМДАКАЖАМ.МК, „За секого по нешто“, Слаткаристика кажа дека не сака да се фали со полна сала за концерт ако билетите не ги продал, туку ги поделил гратис. Зборува за булингот кој го доживувал како дете поради говорната маана, за скромното семејство во кое израснал, за тоа дека престанал да пие алкохол за да го дoбие синот Моша и за љубовта со Сања Николиќ.

Целиот разговор со познатиот рапер, можете да го гледате тука:

Пред 15 години, Маринковиќ го наполни тогашниот Скопски саем со концертот „Хип-хоп револуција“, а му гостуваа пионерите на хип-хоп музиката во Македонија.

„Жал ми е дека го нема веќе Скопски саем, зашто ни е убиена самата култура, првиот печат на нашето образование.  Првпат не сум бил на Саем за да гледам концерт, туку да се вртам на вртелешките и да јадам шеќерна волна“, рече Слаткаристика.

„Луѓето кога ќе слушнат дека македонски музичар прави концерт во некоја сала, како да им се губи желбата да купат карти. Едно време концерт можеше да направи буквално секој, па ќе исподелат гратиси. Тоа е српска шема. Да направиме ние концерт, па да биде полно и не е битно дали е шитнато или е бутнато на сила како со овци“, додаде Слаткар.

Во 2012, тој одржа концерт во салата „Борис Трајковски“ за кој не се срами да каже дека не бил полн затоа што не поделил гратиси.

„Се однесуваме како да сме во селска крчма, а правиме светска музика. Треба да престане нашата работа да се гледа како гратис, тоа е навредливо. Мене не ми е срам да кажам дека сум утнал“, вели раперот.

За новата песна „Немир“ вели дека е продолжување на „Сибир“, неговиот лански сингл, за кој кажа дека го напишал за алкохолот. Маринковиќ откри дека морал да се откаже од алкохолот за да може да стане татко.

„Сега пијам многу ретко. Две-три чаши и на третата викам ‘стој’. Сања и јас многу време го правевме Моша. Ние девет години правевме дете и никако не можевме да го имаме и после тоа, откако почнав да се менувам јас, се случи. Сите мора да направиме некоја жртва“, рече раперот.

За своето семејство, тој ја напиша песната „Да полетам“ и вели дека отсекогаш бил фино дете и имал љубов дома, иако немал пари. За неговиот син Моша, кој го има со Сања Николиќ, вели дека има сѐ и никогаш не би можел да стане рапер затоа што не го живеел животот кој тој го поминал во Ново Лисиче, во кое не живее веќе 15 години.

„По карактер сум многу сличен на татко ми. Тој беше многу брз човек. И мене многу брзо ми мисли главата, ама бавно зборам. Да можат полесно да ми излегуваат зборови од уста, сешто би кажувал, вака имам време да размислам“.

Денес е актуелна борбата против врсничкиот булинг, а Слаткар вели дека и тој како дете имал проблем со врсниците кои го задевале поради неговата говорна маана, пелтечењето.

„Имав многу голем проблем. Но, не ми текнува дека јас некогаш сум пријавил дома дека сум имал булинг, затоа што сум го решавал со бокс во нос веднаш или ако е поголем, со стол по глава. Едноставно, такво време било, јас ако сум му кажал на татко ми дека некој ме закача, ќе ми речел: ‘Ти девојче ли си? Оди бори се’“.

За феноменот дека не пелтечи кога рапува вели дека исчезнува кога има ритам во глаавата, а стихови пишува од мал. Првата песна „Уво“ ја напишал на седум години и била објавена и наградена во списанието „Наш свет“.

Маринковиќ се сеќава на неговата прва средба со Сања Николиќ на „Златна бубамара на популарноста“, кога таа јавно му се додворувала на сцената во Универзалната сала, замолувајќи го да ја прифати за пријател на Фејсбук.

Целиот разговор со познатиот рапер можете да го гледате на јутјуб каналот САКАМДАКАЖАМ.МК.

М. ЏАРОВСКА