Салонот на Македонскиот народен театар (МНТ) синоќа (30 април) беше полн со публика со веќе познати и со нови гости на еден од омилените настани на јавноста, Танц фест Скопје.
Фестивалот годинава се одржуваше под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години извонредност во современиот танц“, а централната прослава се одржа сношти и опфати читање на македонската порака за Светскиот ден на танцот, чија авторка беше примабалерината на Националната опера и балет (НОБ), Александра Мијалкова, доделување награда и танц претстави.

„Вечерва како да се обедини танцовата публика, а Скопје е празно“, коментираа присутните.
Прво настапија младите танчари од студиото за танц „Бах“ од Струга, а Виктор Црвенов, синот на Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет, ја прими наградата Менада во негово име.

Беа изведени кореографиите на Рисима Рисимкин насловени „The Best Of“, кои го обиколија светот: фрагменти од претставите „СМС (Сите мои слики)“, на музика на Дуке Бојаџиев, во изведба на првенката на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска и „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, на музика на Тони Китановски, во изведба на првенците на Скопје танцовиот театар Адријана Данчевска и Бобан Русески и примабалерината на НОБ Мими Поп Алексова-Атанасова, заедно со танчарките Стефани Шаршмит, Викторија Коцева и Марија Андова.

Кореографијата „Котел“, на музика на Тони Китановски, ја изведоа танчарите на Скопје танцовиот театар Сара Димовска, Јоана Благадуша, Клара Христова, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Нина Петрушевска, Надја Луканова, Теона Ѓуровска, Елена Терзиева и Михаела Колцункова, сите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. За сите претстави костимите се на Благој Мицевски, а сценографијата на Матеа Мијановиќ.

Во вториот дел на вечерта беше претставата „Место. Многу посебно за неа“ на кореографката Адријана Данчевска. Во кореографијата е користена музиката од „Болеро“ на Морис Равел, а во живо настапи музичарот Гоце Наумов. Настапија танчарите Анастасија Данчевска, Стефани Шаршмит, Викторија Коцева, Нина Петрушевска и Сара Димовска и гостинките од НОБ, Илиана Данилова и Наташа Трендафилова-Гицев.



Фото: Сцена од „Котел“ (Д. Перковски)