ТЕТОВСКАТА МАТУРАНТКА ИВА СТОЈЧЕСКА ГО ОБЈАВИ ПРВИОТ РОМАН, „ВКУСОТ НА СТРАВОТ“

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Тетовската матурантка Ива Стојческа го промовираше својот прв роман, психолошкиот трилер „Вкусот на стравот“, во НУ Библиотека „Кочо Рацин“ во Тетово. Рецензентката на романот, тетовската поетеса Славица Дабевска- Кировска, на промоцијата рече дека младата авторка не случајно го нарекла романот „Вкусот на стравот“.

„Приказната која завршува болно го остава читателот да се преиспита и да го преиспита неговиот однос спрема блиските“, рече Дабевска- Кировска.

Во библиотеката каде што се одржа промоцијата Стојческа е редовен читател, соработник, учесник на нивните манифестации, а во 2019 ја добитнила наградата  „Читател на годината“.

„Ива е скромна девојка со голем талент. Бев меѓу првите кои го прочитаа романот. Оваа книга ги има сите параметри да биде читана како дел од популарниот жанр трилери. Вешто успеала да го направи тој јазол на возбуда, неизвесност и акција“, рече Габриела Ристоска, вработена во библиотеката.

Младата писателка вели дека ова е првиот дел од романот и веќе интензивно работи и на вториот дел.

„Ова е првиот дел од приказната, за две полусестри во чии животи стравот е неизбежен. Има многу интриги, пресврти, делото до самиот крај ве остава во неизвесност. Дејството се одвива во Германија, зашто од мала читам трилери од германски автори. Активно работам на вториот дел“, рече Ива Стојческа која е матурантка во РЦСОО „Моша Пијаде“ во Тетово.

З.АНДОНОВ