БРИЖИТ МАКРОН ЌЕ СЕ ИГРА СЕБЕСИ ВО СЕРИЈАТА „ЕМИЛИ ВО ПАРИЗ“

Париз, (Гардијан)

Првата дама на Франција Брижит Макрон ќе се појави како гостинка во серијата „Емили во Париз“, во епизода од четвртата сезона која ќе биде достапна од 12 септември на „Нетфликс“. Макрон ќе се игра себеси и ќе носи сопствена облека, објави магазинот „Ел“, без да ѝ бидат дадени посебни упатства за облекување од серијата позната по модата. Сценаристот и режисер Дарен Стар изјави дека „Макрон има голем талент“. Како што кажа главната актерка Лили Колинс, гостувањето на Макрон се подготвувало од 2022.

„Идејата ни дојде кога Дарен и јас ја запознавме во Елисејската палата во декември 2022. Таа е голема обожавателка на серијата и со хумор го прими нејзиното спомнување во првата сезона. Снимањето со неа беше и чест и вистинска радост“, додаде Колинс.

Макрон е голема обожавателка на серијата и со хумор го прими нејзиното спомнување во првата сезона, рече Лили Колинс

Ова е вторпат Макрон да се игра себеси во серија. Во 2018 таа се појави во „Соблекувални“ (Vestiaires), француска хумористична серија која следи двајца пливачи со посебни потреби.

Првата половина од четвртата сезона на „Емили во Париз“ дебитираше со речиси 20 милиони гледачи. Серијата е критикувана во Франција најмногу поради стереотипното прикажување на животот во „градот на светлината“.