СЕМЕЈСТВОТО НА НИЛ АРМСТРОНГ ГИ ПРОДАВА ЗНАМИЊАТА ШТО БИЛЕ НА МЕСЕЧИНАТА

Далас, (АФП)

Две илјади предмети што му припаѓале на Нил Армстронг, вклучувајќи некои од неговата мисија на Месечината, ќе се продаваат на аукција во Далас.

Никој не знаел, дури ни неговите деца, што сѐ имал собрано првиот човек кој стапнал на Месечината, на 20 јули 1969 година. Синовите ја нашле колекцијата во куќата на нивната мајка, по неговата смрт во 2012 година.

Некои од предметите имаат и историска вредност, како знамиња и медали, кои Армстронг ги носел на мисијата Аполо 11. Меѓу атрактивните предмети е големо знаме на САД кое било во ракетата, но не било ставено на површината на Месечината, што е проценето на 75.000 долари.

„Тој сѐ чуваше“, вели неговиот син Рик.

Некои предмети од колекцијата веќе се донирани на Смитсонијан и на музејот на вселената „Армстронг“ во неговиот роден град Вапаконета, Охајо.