СЕДУМ НЕОБЈАВЕНИ ПЕСНИ ОД ТОШЕ ЌЕ БИДАТ ПРОМОВИРАНИ НА ВЕЧЕРАШНИОТ КОНЦЕРТ ВО „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Албум со седум досега необјавени песни од Тоше Проески, насловен „Тајно место“ (Secret Place), ќе биде промовиран на вечерашниот хуманитарен концерт во ВИП арената „Борис Трајковски” во Скопје (20 часот).

Ќе настапат повеќе македонски и балкански пејачи, како Kаролина Гочева, Тијана Дапчевиќ, Тамара Тодевска, Даниел Кајмакоски, Александра Јанева, Антониа Гиговска, Огнен Здравковски, Александар Тарабунов, Наум Петрески, Борис Новковиќ, Владо Калембер, Ања Рупел, групата „Фрајле” и Борис Режак. Внукот на Тоше Проески, Кристиан Ристески, ќе ја изведе својата прва песна „Ние сме крв“ (We Are Blood), што исто така е дел од албумoт.

Премиерно ќе се прикажат и спотовите за две нови композиции од албумот, кој е работен во студиото на британскиот продуцент Енди Рајт во Лондон.

„Повеќе од две години, макотрпно работевме на собирањето на наследството што ни го остави големиот Тоше. Дел по дел, успеавме на едно место да ставиме десет музички нумери. Седум се комплетно нови и необјавени, додека три се демо верзии на познати песни“, вели Андреј Николовски, директор на Фондацијата „Тоше Проески“.