НЕОБЈАВЕНИ ФОТОГРАФИИ ОД ЏОН ЛЕНОН ОТКРИЕНИ ВО МУЗЕЈОТ НА БИТЛСИ ВО ЛИВЕРПУЛ

Ливерпул, (Би-Би-Си)

Колекција на досега необјавени фотографии од Џон Ленон, кои стоеле во фиока над 30 години бидејќи се сметало дека немаат вредност, сега се обелоденети. Дваесет и шест негативи, кои датираат од февруари 1970 година, биле донесени на проценка во музејот „Приказната за Битлси“ во Ливерпул.

Сопственикот на негативите кажа дека неговиот татко дошол до нив додека студирал уметност во седумдесеттите.
„Интимните портрети се редок пронајдок и може да вредат 10.000 фунти“, рече аукционерот Дарен Џулиен.

Маркетинг-менаџерот на музејот, Дајан Гловер, кажа дека нивниот сопственик, кој сака да остане анонимен, ги нашол меѓу работите на неговиот покоен татко. Тој им кажал на вработените во музејот дека негативите и фотографиите стоеле во фиока над 34 години, бидејќи мислеле дека немаат вредност.

На негативите, Ленон е фатен во клучен момент од неговата кариера, кога Битлси се распаднати, а тој само што го објавил својот трет сингл „Инстант карма“, кој подоцна беше продаден во над милион копии во САД.
„Негативите и фотографиите извадени од нив ќе бидат изложени од ноември, пред да бидат дадени на аукција во 2018 година“, изјави Гловер.